Научна празнична седмица во ООУ „Димитар Миладинов“- Скопје

 

Во последните пет работни дена од 2025 година, ООУ „Димитар Миладинов“ од Општина Центар – Скопје беше домаќин на исклучително успешен училишен научен фестивал, кој траеше цела седмица и ја обедини науката, креативноста и празничниот дух.
Во рамки на фестивалот беа реализирани над 100 различни експерименти, кои ги опфатија сите теми од предметот физика што се изучуваат во седмо, осмо и деветто одделение во основното образование. Дел од експериментите служеа како интересно и практично повторување на веќе изучените наставни содржини, додека други беа вовед во теми што допрва следуваат, со што дополнително се поттикнуваше љубопитноста, логичкото размислување и истражувачкиот дух кај учениците.
На настанот активно учествуваа учениците од паралелките 9А, 9Б, 9В, 8Б, 7А и 7Б, односно вкупно околу 140 ученици, кои со голем ентузијазам, креативност и посветеност ги презентираа своите експерименти и научни откритија.
Часовите и активностите беа отворени за сите заинтересирани посетители - родители и гости, кои имаа можност одблиску да ја почувствуваат магијата на науката, да поставуваат прашања и активно да учествуваат во експериментите. Атмосферата беше исполнета со многу наука, забава, смеа и истражување.
Овој настан веќе прераснува во убава и препознатлива традиција во нашето училиште, преку која на едукативен и креативен начин ја испраќаме старата и ја пречекуваме Новата година
, со јасна порака дека знаењето, љубопитноста и соработката се најдобриот почеток за секоја нова година.






Comments

Popular posts from this blog

Little wizards2 / Mali čarobnjaci2 / Мали волшебници2

Little wizards2 in 2025 / Mali čarobnjaci2 u 2025 / Мали волшебници2 во 2025